Речник на антонимите во македонскиот јазик

Речник на антонимите во македонскиот јазик

Прво издание од ваков вид во македонската лексикографија

Кога теоријата ќе треба да се спроведе во практика, особено при лексикографска работа, доаѓа најтешкиот дел од задачата. Како да се решат разни поединечни случаи? До која мера ќе се оди со противположеност на значењето? И многу други тешки прашања. Тоа е навистина компликувана задача, која авторот Емил Ниами успешно ја решил во овој речник на повеќе од 200 страници со опфатени околу 450 (446) антонимски парови подредени по азбучен редослед. Во предговорот авторот ја објаснува методологијата на изработката и ги дава изворите од кои е ексцерпирана лексичката граѓа, а тоа се околу 200 дела на македонски автори, публицистика, блогови, телевизиски емисии итн.

За книгата

Зошто некому му е потребен ваков речник, ќе се запрашаат луѓето. Станува збор за една комплексна збирка лексеми во која се прикажува нивната противоположност, односно нивната опозиција што тие природно ја носат со себе во својата основна семантичка поставка. Луѓето кои професионално се занимаваат со јазикот (не станува збор само за лингвисти и филолози, ами и за писатели, наставници, новинари, публицисти), како и оние кои се грижат за својот јазичен исказ, имаат потреба од вакви видови речници, со цел јасно да ја дефинираат својата мисла, да бидат концизни во својот исказ и, доколку им е потребно да прикажат извесна противоположност, ваквиот вид речници ќе им бидат од помош.

Детали
Автор: Емил Ниами
Едиција: (С)мисла
Жанр: Речници
Тагови: Емил Ниами, Ми-Ан, Препорачани книги
Издавач:: Ми-Ан
Формат: A5
ISBN: 9789989191657
Цена:: 550 ден.
Ние лексиколозите и лексикографите сме вљубени во зборовите, па како и во љубовта, понекогаш се мразиме, но најчесто се сакаме. Како што некогаш рекла американската поетеса Емили Дикинсон, „Не познавам во светот нешто помоќно од зборот. Некогаш ќе напишам некој и ќе го гледам сè додека не почне да сјае“. Така и Речникот на антонимите во македонскиот јазик на Емил Ниами ‒ сјае во македонската лексикографија!
Емил Ниами

Емил Ниами, доктор по филолошки науки. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на групата за руски јазик и книжевност во 1999 година. Активно се занимава со преведувањето и тоа како од руски, така и од англиски и од италијански јазик. Има преведено голем број играни и сериски филмови, документарна програма, вести, како и голем број симултани и консекутивни преводи. Во 2007 година ја одбранил магистерската теза „Паронимите во македонскиот во споредба со рускиот јазик“ (ментор д-р Красимира Илиевска). Неговите научни интереси се насочени кон лексикологијата, лексикографијата и контрастивната анализа.