
Исклучителен поетски ракопис со уникатен наслов
Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга е всушност инструмент со кој се мери течението на времето. Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротивставени енергии што во себе ги носи се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг итн. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа.
Ако првата книга на Катерина Гогова „Актите се кастрирани“ е олицетворение на огнот, а втората книга „Пад во немирна вода“ олицетворение на водата, тогаш „Сонцестој“ е воздух, небо на кое сонцето изгрева и заоѓа. Нејзините стихови се во склад со природата, промената на годишните времиња и природните елементи.
Кога ќе го погледнете насловот и поднасловите ќе добиете впечаток дека во двата дела се работи за две потполно различни емоции, но напротив, при читањето може да насетиме дека темнината преовладува низ целата книга. Ако внимателно се погледне насловот на вториот дел сосем прецизно тоа и го навестува, дека е копнеж по полноќно сонце, за најдолгиот ден. Во својата песна „При¬видна далечина“ ќе напише: /Далеку сум од сè/ што може да се нарече светлина,/ во овие пресушени дланки/ мирува спокојот/ со кој светот го врти/ последниот круг околу сонцето./, додека пак во песната „Одболувај“ ќе не соочи со стиховите /Крв, гној и пот,/ во нова верба се колне небото,/ ти, близнак на месецот,/ посестра на сонцето,/ носиш едно чудо светлост/ помеѓу зората и самракот./. Ова може да се протолкува како продолжение на оној вековен копнеж на Рацин со кој растевме и живееме, изнедрен во стиховите /Се к‘ти ноќта црна!/ се рути карпа – мрак!/ и петли в село пејат/ и зората се зори – / над карпа в крв се мие/ и темнината пие/ Силно/ светнал/ ден!/. Копнежот за тој ден што силно ќе светне интуитивно го чувствуваме и сега, еден век подоцна.
Темнината и меланхолијата која преовладува во книгата може да се поврзе и со периодот во кој песните се пишувани. Оваа 2020 година ќе биде запаметена како година на пандемија. Тоа може да се почувствува во следните стихови /Оваа тажна година,/ без топлина, без заборав,/ мирно патува кон вечноста./ Моите стихови, пророци,/ на вистината наследници,/ ги чекам пак/ да ми дојдат/ штом зазори./ (Зора), но и во не помалку интензивните стихови /Времето безнадежно по мене паѓа,/ се раѓа ново тело/ и утробата на светот/ со леснотија воздивнува./ (Меланхолија).

Ми-Ан Ако не сакате да читате, не сте ја нашле вистинската книга.





