Сок од простата

Сок од простата

Еден од најчитаните македонски романи

Шесто издание на романот „Сок од простата“ на Јован Павловски, кој во 1991 год. првпат се појави во македонските книжарски витрини, предизвикувајќи за тогашните наши издавачки прилики вонредно интересирање, како со својата социјално-политичка содржина, така и со неконвенционалност во третирањето на одосите меѓу жената и мажот. Во прозата, постапката на Јован Павловски ја одредува животниот податок и документот. Романот „Сок од простата“ го привлече вниманието како литература од типот на Хенри Милер и Буковски, во која еротското се преплетува со социјалното и политичкото.

About the Book

Култниот роман на Јован Павловски „Сок од простата“, веднаш по појавувањето во 1990 година, ги разбранува литературните и културните води во Македонија. Во една од првите реакции на изданието, Миодраг Друговац за „Сок од простата“ напиша дека тоа е „едно од најоригиналните дела на македонската и југословенската литература, скапоцен алем-камен во мозаикот на нејзините вредности. Тоа е еротичко дело што фасцинира!“ Петар Т. Бошковски подвлекува дека „романот [„Сок од простата“] на рамниште на модерен жанр, на главна врата ја внесува еротиката во современата македонска литература, ја внесува со достоинство на комплетно остварување, кое ја има енергијата на неодоливата уметничка мотивираност и инспирација, и кое носи печат на авторска оригиналност“ Впрочем, на одобрувањето на критиката ѝ се придружија и читателите: „Сок од простата„ беше најчитана книга во времето на нејзиното објавување, беше прогласена за најчитана книга во Србија, а до денес има седум изданија на македонски јазик, како и редица преводи на други јазици. Реномираната „Хрватскка енциклопедија“ на Лексикографскиот завод „Мирослав Крлежа“ од Загреб, „Сок од простата“ го определува како првиот македонски еротски постмодернистички роман: „Јован Павловски е тематски преокупиран со личното и колективното (национално) постоење, идентитетот и ентитетот во минатото, сегашноста и иднината, односот на животот и смртта, сексуалноста и еросот. Неговата контемплативна и самореференциска поезија се карактеризира со тематска иновација и организирани збирки. Во романите, тој е склон кон документарност, натуралистички описи, цитати и ликови на несубверзивни губитници. „Сок од простата“ е првиот македонски постмодернистички еротски роман.“.

Details
Author: Јован Павловски
Series: Проза
Genres: Роман, Социјална проза
Tags: Јован Павловски, Ми-Ан, Препорачани книги
Publisher: Ми-Ан
Publication Year: 2005
Format: A5
ISBN: 9989613842
List Price: 300 ден.
Јован Павловски е еден од оние сериозни, вешти, опитни и мошне компетентни писатели, кои знаат дека пишувањето роман секогаш е поврзано со раскажувањето приказна. Дека без напната, драматична, емотивна приказна, нема исполнет романсиерски книжевен текст. Но, тој отсекогаш знаел и дека еден роман нема да заживее само поради убавината, напнатоста или важноста на својата приказна. Тој отсекогаш знаел дека, колку што е важно за едно прозно литературно дело што раскажува, толку е важно и како тоа го зборува1. Токму тој негов талент да ја види, да ја открие, да ја препознае приказната во секојдневието и умешноста таа приказна да ја вообличи во форма која ќе ѝ даде естетски набој, го прават еден од ретките писатели кај нас. Писатели што знаат да воспостават контакт со своите читатели и да ја направат книжевната уметност одржлива, во времето на визуелната доминација. И, токму затоа, Јован Павловски е еден од ретките писатели кај нас што знае дека „барем еден читател на кој дејствува“ не е доволен за книжевноста да си ја обезбеди својата иднина. Го признала тоа елитната критика или не, еден од критериумите за тоа колку едно книжевно дело вреди е и бројот на неговите читатели. Ако се има предвид преиздавањето на романите на Павловски по три, четири, пет пати, или дури и повеќе од тоа (што е вистинска реткост за македонската книжевност), а ако се има предвид и бројот на преводи на странски јазици, би можеле да констатираме дека станува збор за оригинален, инвентивен и провокативен автор, кој според мене, но и според повлијателни критичари од мене, спаѓа во првиот ешалон македонски писатели.
– проф. др. Лорета Георгиевска-Јаковлева
„Сок од простата“ е несекојдневно, по многу нешта еретичко дело, дело естетски мошне релевантно, речиси, парадигматично за постмодернистичката поетика на современата македонска проза.
– акад. Георги Старделов
Јован Павловски

Јован Павловски (Тетово, 10 август 1937) — македонски поет, раскажувач, романописец, енциклопедист, писател за нaјмладите, публицист, долгогодишен уредник на повеќе рубрики во Нова Македонија, нејзин дописник од Париз и Москва [1]. Од 1980 до 1986 г. е вонреден професор по теорија и практика на новинарството на Интердисциплинарните студии по новинарство на Унивезитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Издавач и главен уредник на месечникот „Македонско време“ (на македонски јазик) и "The Macedonian Times" (на англиски јазик).
Уредник и издавач на првата македонска енциклопедија „Мианова енциклопедија: општа и македонска“.
Изразит лиричар во првата збирка поезија „Август“, каде што чувствувањето на светот беше слеано со тревите, потоците, облаците, ѕвездите. Во подоцнежното поетско творештво епичар во непосреден дијалог со секојдневното, дури и со тривијалното, со минатото и историските случувања како потрага по сопствениот идентитет. Во прозата, неговата постапка ја одредуваше животниот податок и документот. Романот „Сок од простата“ го привлече вниманието како литература од типот на Хенри Милер и Буковски, во која еротското се преплетува со социјалното и политичкото. Пишува и литература за деца во која можноста за надминување на морализаторскиот принцип ја гледа во елементот на играта, која, пред сè, се остварува во јазикот. Неговата публицистика има документарен карактер со логички анализи, свртена, главно, кон самобитноста на македонскиот народ.
Член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 год, во три мандати (1992-1994, 1994-1996, 2007-2008) негов претседател, член на Македонскиот ПЕН центар. Автор e на педесетина (прво издание) книги. Збирки поезија: „Август“ (1961), „Медеја“ (1969), „Идентитет“ (1974), „Оксидирања“ (1983), „Прераскажување на ентитетот“ (1985), „Строгоста на живењето“ (1988), „Препознавање: Зрело доба“ (1993); „Последните 48 часа на професорот по историја“ (1993), „Стварна промена“ (1996), „Одработен страв“ (1999), „Кревкото тело на Кирил Пејчиновиќ“ (2000), „Стравот на професорот“ (2001). Избори поезија: „Ментален простор“ (1900), „Повлекување на стварноста“ (1997), „Поезија“ (1998), „Песни, многу важни песни“ (избор поезија за деца, 1998). Збирки раскази: „Ѕвездена прашина“ (1978, три изданија), „Близини“ (1979, три изданија), „Луѓе во зло време“ (1981, три изданија), „Семејни иверки“ (2004). Романи: „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ (1972, четири изданија, Рациново признание), „Сок од простата“ (шест изданија, награда за најчитана книга, 1991), „Проверка на слободата“ (награда „Стале Попов“ на ДПМ, 1998). Повести:
„Тетратка прва: Диме“ (2005); „Тетратка втора: Миша“ (2005); „Тетратка трета: Страшо“ (2005). Книги за деца: Стихови: „Мишо ишо шо-о“ (1972, годишна награда на Радио Скопје за најдобра книга за млади), „На сите свететски страни само Ани, само Ани“ (1980, годишна награда на Радио Скопје за најдобра книга за млади); „Тевеѕирка“ (1994), „Река-а-а!“ (1996). Проза: „Блиско сонце“ (1972, роман, три изданија); „Значка“ (1978, роман, две изданија, годишна награда на Радио Скопје за најдобра книга за млади).